Кога германскиот бренд за часовници „Декла“ (DEKLA) го претстави новиот нуркачки модел „сиборн“ (Seaborn), малкумина знаеја дека зад дизајнот стои македонски автор. Игор Миленкоски, кој работи во ИТ-секторот, е уметник што со години тивко и посветено ја гради својата визија. Уште од дете часовниците му биле интересни, но вистинската страст и подлабокото разбирање за индустријата се оформиле пред десетина години.
„Во тоа време многу компании бесплатно нудеа книги во кои ги претставуваа своите модели и сопствената историја. Почнав да ги порачувам тие книги и, со текот на времето, создадов мала колекција, преку која сè повеќе и подетално ги проучував часовниците и приказните зад самите брендови. Како што растеше моето знаење, природно се разви и желбата самиот да започнам да дизајнирам часовници“, вели тој во разговор за „Блумберг Адрија“.
Игор Миленкоски | Лична архива
Првите скици ги работел исклучиво на хартија, а готовите дизајни ги споделувал на Инстаграм, без очекување дека ќе привлечат сериозно внимание. Но токму на оваа социјална мрежа се случува и првиот контакт со „Декла“, соработка што ќе му овозможи значаен чекор на меѓународната сцена.
„Првиот контакт со компанијата се случи пред околу пет години, во периодот кога штотуку ги правев моите први чекори во активно дизајнирање рачни часовници. Искрено, воопшто не очекував дека токму тогаш ќе добијам порака од компанија за рачни часовници. Уште од самиот почеток имавме идеи и планови за проект, но поради оправдани причини тој се одложуваше. Вистинската приказна започна пред околу една година, кога полека почнаа да се обликуваат првите контури на моделот ’сиборн’ (Seaborn)“, открива Миленкоски.
Станува збор за професионален нуркачки часовник, категорија во која креативноста често е ограничена од строги технички и безбедносни стандарди. Сепак, тој добил целосна слобода кога станува збор за надворешниот развој - формата, изгледот и визуелниот идентитет. Токму таа слобода, како што вели, му била и најголемиот предизвик во креирањето на производот, без однапред зададени насоки за тоа како треба да изгледа.
„Во таква ситуација креативноста мора да биде на највисоко ниво, за да се создадат свежи идеи и да се обликува часовник со свој препознатлив карактер и сопствена ДНК. Креативниот процес никогаш не е линеарен, и нормално првобитната идеја претрпе промени за да се достигне оригиналноста на изгледот. Идејата е речиси целосно произлезена од мојата имагинација и креативност“, вели Миленкоски.
Сè друго, поврзано со квалитетот, изработката и тестирањата, е одговорност на самата компанија, според нивните стандарди. Тој истакнува и дека од самиот почеток овој нуркачки часовник е замислен како алатка, а не како украс. Особено се истакнува формата „U“ на позициите 3, 6, 9 и 12, инспирирана од првата буква на Украина, како почит кон потеклото на сопственикот на компанијата.
.
Рамката на моделот „сиборн“ изработена од не'рѓосувачки челик и сафир. Обликот „U“ на позициите 3, 6, 9 и 12 часот се издвојува, инспириран од првата буква од зборот Украина, како знак на почит кон потеклото на сопствениците на компанијата. | Dekla Watches
„Бројчаникот има релјефна, речиси механичка структура за разлика од другите нуркачки модели, кои најчесто се со рамна површина. Индексите се масивни и имаат свој препознатлив облик, што му дава оригинален карактер на часовникот. Има одлична читливост со јасни стрелки и луминисценција“, објаснува нашиот соговорник.
Тој истакнува дека бројчаникот е заштитен со сафирно стакло, кое е исклучително отпорно на гребнатинки. Безлот е изработен од не’рѓосувачки челик (316L) и сафир, со стандардна скала за мерење на времето на нуркање, сместена во оригинален дизајн, и ротира со 120 прецизни клика. Робусното куќиште од челик со заштитена круна, пак, како што вели, јасно покажува дека е направен за реална употреба под вода, а не е само како декорација.
„Водоотпорноста од 200 метри го става рамноправно со професионалните нуркачки часовници. Внатре е Sellita SW200-1 Elabore (механички, автоматски), подобрена и попрецизна верзија на механизам, избран затоа што е докажан и сигурен во ваков тип часовници“, вели тој. Цената на часовникот е 890 евра и моментално може да се купи само преку официјалниот сајт на компанијата.
Балканскиот дизајн бара системска промена
Неговиот ангажман на „сиборн“ е третиран како еднократна услуга, без долгорочни права, но со целосна слобода да се рекламира со проектот, јавно да го објавува и да истакнува дека тој е автор на дизајнот.
За Миленкоски, оваа соработка не е прашање на моментален финансиски успех, туку можност за долгорочен развој. Свесен е дека часовничарската индустрија кај нас е слабо развиена, но верува дека талентот и квалитетот секогаш наоѓаат начин да бидат забележани. Затоа е фокусиран на пробивање, учење и наоѓање партнери што ќе му дадат шанса да се докаже, а не исклучиво на профит.
„Потеклото од Балканот го гледам како ирелевантно во однос на квалитетот на дизајнот. Доколку има влијание, тогаш може да биде и предност, носи поинаква перспектива, автентичност и приказна, што често недостасува на заситените пазари“, смета тој.
Миленкоски отворено укажува и на системските проблеми кога станува збор за дизајнирање часовници на домашниот пазар, па и пошироко во регионот Адрија.
„За дизајнот од овие простори да стане одржлив извозен модел, а не поединечен успех, мора да се смени целиот систем. Потребни се едукација и менторство, поддршка од индустријата, инвеститори што веруваат во дизајнот како бизнис, како и клиенти што ќе ја препознаат неговата вредност“, вели тој.
Миленоски има јасни амбиции, а тоа се континуирано дизајнирање, нови меѓународни соработки и, на подолг рок, создавање сопствен бренд преку кој неговите идеи ќе се претвораат во реални производи.